Од утре повторно може да се аплицира на јавниот повик за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк. Како што информираат од Министерството за образование и наука, вториот рок трае до 31 октомври и се однесува на сите новозапишани студенти, но и на оние кои ги исполнуваат условите, но не успеале да се пријават и да го остварат ова право во првиот рок.

Пријавувањето за субвенциониран студентски оброк е дигитализирано, односно се спроведува исклучиво електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/, со прикачување на два документи – пријава и изјава за точност на податоци и се наведуваат податоци за лична трансакциска сметка.

Од Министерството соопштија дека во рамки на првиот рок пристигнаа вкупно 21.693 апликации, додека правото на субвенциониран студентски оброк го остварија вкупно 18.149 студенти. Дополнително, во фаза на разгледување се сите пристигнати приговори, а подносителите за конечната одлука ќе бидат известени во текот на следната работна недела.

Субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон, со кое на младите значително им се олеснува животот за време на студирањето, односно добиваат по 2.400 денари девет месеци во годината, средства наменети за купување здрави оброци.

Право на оваа финансиска поддршка имаат сите редовни студенти запишани на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи кои се државјани на РСМ и кои не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во тековната година.

-МОН обезбедува поддршка при аплицирањето за субвенциониран студентски оброк, преку Секторот за ученички и студентски стандард. Личните контакти на вработените во овој сектор, се наведени на следниот линк, се наведува во соопштението на Министерството.