Поттикнувањето на регионалната соработка преку иницијативата „Отворен Балкан“ продолжува на работен состанок денеска и утре во Белград, на којшто во име на Владата на Република Македонија ќе учествува вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров.

Вицепремиерот оди во Белград на средба со српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама, наместо премиерот во оставка Зоран Заев.

Агендата за работниот состанок што се организира во соработка со Атлантскиот совет, опфаќа панел дискусија на тема „Дигиталната трансформација како подадена рака за регионална интеграција“ на која ќе бидат усвоени заклучоци, по што ќе биде одржана и прес–конференција.

Воедно, предвидени се лидерски средби и средби со претставници на компании од Македонија, Албанија и Србија на кои што ќе биде разговарано за олеснување на трговијата.

Од Владата информираат дека медиумите кои имаат интерес да ја проследат прес-конференцијата може да го следат преносот во живо на следниов линк: www.tanjug.rs .