Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва во интервју во емисијата „Клик Плус“ на ТВ 21, откри што разговорал со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека разговарал со Ахмети за две теми: за нов договор со Бугарија и предвремени парламентарни избори.

„Што се однесува до средбата, зборувавме за две теми. Едната околу евентуалниот и потенцијален нов договор, бидејќи еден веќе имаме и требаше да биде решение на нашите проблеми. Се најавуваа датуми од авиони и така натаму…

И втората тема, е темата за предвремени парламентарни избори, за кои ставот го кажав веднаш по средбата. Не очекувам дека од власта ќе излезат и ќе кажат предвремени избори, затоа сме ние тука да обезбедиме избори час поскоро. Бидејќи ситуацијата сега фрустрира едно големо мнозинство македонски граѓани бидејќи тие не се правилно претставени во Владата, а реков дека ние поради политичката некултура имаме ваква Влада“, рече Мицкоски.

Што се однесува до новиот лидер на СДСМ, тој истакна:

Од Димитар Ковачевски кој му се поклонуваше на Заев како прв чин, не може од него да се очекува промена од претходното однесување на Заев. Ковачевски е човек без политички легитимитет, без изборен легитимитет, ќе треба да наметне свој авторитет, ќе треба да направи одредени реформи, ќе треба да воведе една дисциплина, но тоа е се „ќе треба“, вели Мицкоски.

Тој вели дека реалноста е дека математиката на Заев е дека Ковачевски ќе биде една кукла којашто ќе може да ја манипулира и контролира,а истото се видело со тој поклон кон Заев.

Тој поклон дента кога беше избран говори се, бев вчудоневиден кога истото го видов, и ние по тоа не можеме да очекуваме некоја промена на претходното однесување на Заев, посочи Мицкоски.

Тој најави и промени во партијата.
– Ќе поканиме општествено активни ликови, секако до нив е дали ќе ни се придружат. И мислам дека тоа би било една фина комбинација која што може да понуди би рекол, алтернатива и со која што би излегле пред граѓаните да ја бараме довербата, вели Мицкоски.

Од понеделник ќе седнам, сега за сега не сум правел детални анализи и профили, но тука не би требало да има некои позначајни изненадувања. Јас зборувам за составот на ИК и луѓето кои што ќе работат. Можеби ќе има и проширување во делот на врвниот менаџмент на партијата. Можеби ќе има проширувања во делот на ИК на партијата. Така што еве да не преудицираме да оставиме на времето, рече Мицкоски.