Големиот број на прегледи во ковид амбулантите, но со помал притисок врз болниците и здравствениот систем, како и официјалните податоци на бројот на новозаболени посочуваат дека омикрон сојот на ковид се шири побрзо, но засега не дава потешка клиничка слика. Вака изгледа епидемиската состојба во Србија по новогодишните прослави и големиот скок на бројот на новозаразени во изминатите неколку дена, јави дописникот на МИА од Белград.

Според официјалните податоци на Министерството за здравство, денес се регистрирани 8.949 позитивни и 24 лица починати од коронавирус, што е веднаш по неславниот рекорд во четвртокот кога беа регистрирани 9.122 заболени.

Голем број луѓе продолжуваат да доаѓаат на преглед во Ковид амбулантите, што укажува дека омикрон сојот е доминантен во Србија, како и во остатокот од Европа.

Лекарите велат дека ваквиот притисок врз Ковид амбулантите е без преседан од почетокот на епидемијата на коронавирус во Србија, но и дека е добро е што бројот на хоспитализирани по прегледот не се зголемува значително, додавајќи дека тоа укажува да омикрон сојот дава малку поблага клиничка слика отколку што беше случајот со делта сојот пред неколку месеци.

Според лекарите, лицата заразени со омикрон сè уште имаат пневмонија, но и да обично не доаѓа до развој на потешка клиничка слика.

Симптомите на новиот вид на коронавирус се движат од оние кои се слични на настинката и кои биле карактеристични за претходните видови, првенствено треска, а за нови симптоми се посочуваат најчесто сините усни и рацете, како и болка во грбот и крстовите.