Утре е првиот ден од првиот пролетен месец во годината, денот на мартинките, кој во Скопје го дочекуваме со снег на Водно и со цут на Гази Баба.

Писателот Горјан Петревски, уште во минативе денови, на патеката што секој ден ја минува низ шумата на Гази Баба, можел да го види првиот цут на бадемите уште во февруари, а од карши новиот снег на Водно. Тој контраст на белилото од цут и снег го споделува со неговите и читателите на порталот Денешен.

Според метеоролозите и за утре е предвидено слично време како денешното, „бел снег и бел цут на исто место“. Таква е Баба Марта, со непредвидлива ќуд. Но, штом се појави првиот цут тоа е знак дека пролетта се ближи и дека и е „скршен рбетот“ на зимата.

Утре на 1 март се прави и се подарува мартинка, која се дава за среќа. Мартинката претставува исукан бел и црвен конец, најчестo волнен. Смислата на боитее: црвено – крв, живот; бело – чистота, среќа. Традицијата е на првиот ден од март најстарата жена во семејството да врзува на рацете на децата мартинки за здравје и против уроци. Мартинките се носаат до забележување на првото процветано дрво или на првиот виден штрк, а во Македонија и до здогледување на првата ластовица.

Цутот стигна пред мартинките, а наскоро ги очекуваме и ластовиците и штрковите.

(Фото: Гоце Петревски)