Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска по повод празникот на трудот организираше пикник во Пелинце. Претседателот Максим Димитриевски во изјавата за медиумите им го честиташе празникот на сите граѓани и работници и им посака здравје, успех и среќа. Тој рече дека работничката класа е онаа што ја дигнала Македонија да стане држава.

Димитриевски од Пелинце испрати порака до раководството на СДСМ:

„Истите тие коишто дозволија да се отвараат бугарски клубови кои го содржат името Ванчо Михајлов во текот на нивниот мандат и ја згазија не само социјалдемократијата, туку и илинденските и асномските левичарски вредности и принципи, не обвинија дека сме човек партија.

Нивната ароганција е ненадминлива. Ова раководство на СДСМ, со овој арогантен пристап ја доведе партијата до историски најслабиот резултат.

Не само што ја навредија ЗНАМ, лично мене, навредија и уште 84 илјади граѓани кои го дадоа својот глас за движењето ЗНАМ-ЗА наша Македонија.

Ниското ниво на комуникација нема да го прифатиме. Но, како и да е, ние позитивно продолжуваме понатаму и чест ми е што денеска токму овде традиционално во Меморијалниот центар Пелинце- АСНОМ, каде што се удрени темелите на современата македонска држава, гледам голем број на мои поранешни соборци и сопартијци, коишто ни се придружија на овој настан во организација на Движење ЗНАМ – За наша Македонија и нивниот број секојдневно расте.

За разлика од раководството на СДСМ, тие ја прифатија подадената рака. Нашата цел е да продолжиме да ги обединуваме граѓаните и ние ќе работиме исклучиво во интерес на Македонија, државните и националните интереси“.