„Ако Заев ја доведе Македонија до дното, Ковачевски покажува дека можел тој да оди и подлабоко. Јавноста не ги знае имињата на министрите, ама овие сто дена ги продолжија старите навики, на тендери во четири очи, криминал, корупција, неспособност. Овие сто дена се показател дека народот живее крпен живот. Сто дена на растечка сиромаштија, галопирачка инфлација, сто дена на покачени сметки на давачки, на раскрчмување на идентитетот, трговија зад затворени и отворени врати, сто дена живот во национална катастрофа.“

Ова е реакцијата на Мицкоски откако Ковачевски ја одби неговата понуда до 10 мај да размисли, а потоа да седнат и да договорат датум за предвремени избори. Мицкоски понуди четири тима на ВМРО-ДПМНЕ кои до изборите би и помогнале на Владата во справување со кризата. Доколку понудата биде одбиена, рече Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ ќе заседава и ќе донесе одлука за преземање „сериозни и досега непрактикувани чекори“ за да издјествува избори.