Постојаните претставници на Европската унија денеска не постигнаа договор за санкции против Русија, меѓу другото и поради Унгарија, јавува Блумберг повикувајќи се на информирани лица.

Премиерот на Унгарија Виктор Орбан изјави дека за неговата земја е неприфатливо воведувањето ембарго за увоз на нафта од Русија. Тој се спротивстави и на воведувањето санкции против рускиот патријарх Кирил.

– Дваесет и седум постојани претставници на ЕУ не успеаја да постигнат договор за санкциите против Русија на состанокот во неделата. Се очекува дискусијата да продолжи во наредните денови, наведува Блумберг.

Според изворите на агенцијата, Унгарија продолжува да го блокира предлогот на Европската унија за забрана на увозот на руска нафта, што го одложува усвојувањето на целиот пакет санкции.

Во теков на изминатава недела претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, објави дека новиот пакет санкции против Русија ќе вклучува исклучување на Збербанк и други големи руски банки од меѓународниот систем SWIFT, забрана за емитување на три руски телевизиски канали во Европска унија, постепена забрана за увоз на руска нафта и лични санкции против руските функционери.