Оваа година ќе мора да ја менуваме свеста, ќе менуваме сѐ во земјоделието и ќе мора да го правиме она што го бара пазарот. Ако сме најусогласена земја со заедничката европска политика, ќе мора тоа и на дело да го покажеме, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски во обраќањето на настан по повод 1 јуни Светски ден на млекото, што се одржа во дворот на компанијата „Бимилк“ во Битола.

– Криза е, ама обезбедивме сѐ што може да се обезбеди. Единствена земја во регионот во која вештачко ѓубриво се субвенционира со 40 отсто, поддршката за зелена нафта сега, со ребалансот ќе се измени до 100 проценти . Интервентен фонд не постои во ниедна друга земја, а ние оваа година имаме 15 милиони евра плус за интервентниот фонд. Тоа е обврска и за сите сточари и за сите земјоделци, да се усогласиме и заедно да ги менуваме работите и да се приклучиме на сите трендови, изјави Николовски, порачувајќи им на присутните млекопроизводители да не се грижат за исплатата на субвенциите, бидејќи се обезбедени 500 милиони денари за да им се исплатат средства за сите фази.

Во своето обраќање Николовски ги потенцираше сите мерки кои Министерството ги превзема за поддршка на млекопроизводителите и сточарите со посебен осврт на новиот модел на субвенционирање.