Изборната кампања за кандидатката за претседателка на Македонија, професор д-р Гордана Силјановска Давкова, денес продолжи со митинг во Аеродром.

-На почетокот од 2000 година, Роберт Хајслоп ќе рече: „Сите држави имаат мафија, ама на Балканот има опасност мафиите да имаат свои држави“. Сега кога ги гледам состојбите со корупцијата и криминалот, барам некаков излез, читам дека во Италија на времето донеле еден закон против мафијата и сега го препорачуваат. И да, она што всушност е дел од Програмата на ВМРО-ДПМНЕ е дека битката со мафијата мора да биде бескомпромисна, дека битка со мафијата е многу тешка, но мора да почне оти криминалот и корупцијата се системски. А, ликови што наликуваат на оние од мафијата се вгнездени на највисоките позиции и тие или со чинење или со нечинење, гледање и помагање се исто така соучесници. Значи, не чека тешка битка, рече таа.

Силјановска Давкова посочи дека 24-ти април некако доаѓа како предигра бидејќи тогаш работите ќе се разјаснат.

-А се разбира, јас мислам дека на 8 мај ќе биде запечатена една тешка, грда фаза од владеењето и ќе започне една нова реформска фаза. За тоа навистина се потребни умни, чесни и посветени луѓе! Луѓе кои државните и национални интереси ќе ги стават пред било кои други. Луѓе кои како одважни и достоинствени, ќе бараат од големите и средните држави, па и од ЕУ и сите држави внатре, заслужена почит! Луѓе кои ќе бараат и ние да итаме во исполнувањето на Копенхагенските критериуми. Да не се занимаваме и да го губиме времето на докажување дека сме тие што сме. Да барате од некого да докаже дека е човек, дека е жена, дека е Македонец е непристојно, рече таа.