Вечерва во Античкиот театар во Охрид за првпат заеднички концерт ќе оддржат моментално најактуелните македонски ѕвезди, групата „Некст тајм“ и Влатко Лозаноски – Лозано.

Овој настан за нас е од огромно значење пред се поради тоа што првиот наш фестивал во 2008 како „Некст тајм“, беше токму овде на Антички и ја освоивме публиката која исто така и ден денес е со нас. Заедно со Лозано се појавивме на тој фестивал и некако се зближивме од тогаш. После толку години градејки ги нашите музички кариери ете стигнавме да одржиме за прв пат заеднички концерт, велат Мартин и Стефан Филиповски.

Се надеваме, додаваат, дека публиката ќе ужива во песните од нашиот најнов албум, но сигурно ќе има и изненадувања. Очекуваме публиката да дојде во голем број и заедно да уживаме во една незаборавна вечер исполнета со нашата заедничка уметност.

Антички театар е историски простор каде што секој изведувач од Македонија би сакал да настапува, како еден од најреномираните локалитети за правење концерти воопшто кај нас. Отворената сцена, но и самата историја која што ја крие Дава на тежина и големо значење на секој евент кој што се организира таму. Со големо исчекување го очекуваме концертот и ветуваме заеднички дека ќе направиме одлична музичка претстава на сите присутни. Ги покануваме сите во Охрид и уште еднаш „ова лето ќе се памти” по уште еден одличен концерт заедно со моите пријатели од Некст Тајм, вели Лозано.