Група од 12 жени-министерки за надворешни работи, предводена од Канаѓанката Мелани Џоли, официјално го осудија „насилното задушување на протестите за правата на жените во Иран“, што траат веќе 40 дена.

„Како министри за надворешни работи, чувствуваме одговорност да се слушнат гласовите на жените од Иран“, синоќа излегоа со заеднички став шефиците на дипломатиите на Албанија, Андора, Австралија, Канада, Франција, Германија, Исланд, Косово, Либија, Лихтенштајн, Нов Зеланд и Норвешка.

Министерките ја изразија својата солидарност со „храбрите Иранки кои го користат своето право на мирно собирање и ги бранат своите основни права“.

Тие го осудија „насилното спроведување“ на иранскиот закон за хиџаб и „пресметката со демонстрантите“, во која загинаа најмалку 141 лице, меѓу кои и деца, се наведува во новиот извештај на невладината организација Хјуман рајтс воч (ХРВ).

Протестите во Иран почнаа на 16 септември, на денот кога во болница почина Махса Амини (22), каде беше примена во тешка состојба по нејзиното апсење на 13 септември во Техеран поради „носење несоодветна облека“ и непочитување на строгите ирански кодекс на облекување за жени.