Неколкумина македонски херои се загинати на денешен ден, 4 јануари, во борба или во заседа од бугарскиот окупатор во Македонија во текот на НОБ.

Денес, пак, за овој историски период од 1941 до 1945 година, во преговорите за заедничката историја и Договорот за пријателство, од бугарска страна, но и од некои јавни личности и политичари на власт во Македонија, се настојува улогата на Бугарија да биде дефинирана не како окупатор, туку како „администратор“ на Македонија во Втората светска војна. И, како што велат, во интерес на иднината на Македонија на евроинтеграцискиот пат, се жртвува вистината и тоа за период од историјата во кој, се уште има, живи сведоци,

Но, наспроти актуелната политика, историските факти се неумоливи: Од бугарскиот окупатор, фашистички или не, загинати се борците за слободна Македонија: Орце Николов, Страшо Пинџур, Мирче Ацев и Таки Даскалот.

На 4 јануари 1909 година во битолското село Лавци е роден Тодор Ангеловски, меѓу народот познат како Даскалот. Тој бил учител и просветител, борец против угнетувачкиот великосрпски режим, бестрашен борец против фашистичкиот окупатор и еден од првите учесници во НОВ во Македонија.

Загинал, односно се самоубил за да не падне жив во рацете на непријателот, во борба против бугарскиот окупатор кај селото Лавци, на 12 јуни 1943 година.

На 4 јануари 1942 година на пат кон Македонија (по организираното бегство од затворот во Сремска Митровица), минувајќи ја планината Кукавица, кај селото Туба, во близина на Владички Хан, од заседа на бугарскиот фашистички окупатор бил убиен Јордан Николов – Орце, народен херој на Македонија.

На овој ден во 1943 година во Скопје, по повеќедневно ѕверско мачење, бугарската фашистичка полиција го убила Страшо Пинџур, народен херој на Македонија. Роден е во селото Ваташа, Кавадаречко, на 5 март 1915 година.

Истиот ден, на 4 јануари 1943 година во Скопје, по петдневно ѕверско мачење, бугарската фашистичка полиција го фрлила низ прозорец Мирче Ацев, народен херој на Македонија.

Првиот батаљон на Народно ослободителната војска на Македонија го добил неговото име. Тој бил член на Покраинскиот комитет на КПЈ на Македонија од 1941 година и член на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија.

Роден е во селото Ореовец, Прилепско, на 26 септември 1915 година.
……………………
Други настани на денешен ден

Во 1954 зо Скопје умрел Димитар Андонов – Папрадишки, македонски зограф, еден од втемелувачите на современата македонска уметност. Роден е во селото Папрадиште, во 1859 година.

Во 1992 година Владата на Република Македонија донесла одлука со која 7 јануари – првиот ден Божик, се прогласува за неработен ден. Ова е првпат во Македонија верски празник и официјално да биде прогласен за неработен.

Во 2017 година во Кичево ненадејно почина писателот Стојмир Симјаноски, автор на првиот научно-фантастичен роман во Македонија. Како раскажувач, романсиер, драмски автор и фељтонист, Симјановски зад себе оставил богат опус од 32 книги. Роден е во кичевското село Иваничишта во 1937 година.

(Подготвил: Д.Г.)