На скопскиот плоштад „Македонија“ денеска ќе се одржи манифестацијата „Матурска парада“ со учесници од државава и од Словенија, Србија, Словачка, Црна Гора и Унгарија со педесетина градови.

Од Дирекцијата за култура и уметност – Скопје информираат од нашата земја ќе учествуваат матурантите од градовите Скопје, Гевгелија, Охрид и Струга. Вкупната бројка на обучени матуранти во Скопје е 400, а во останатите градови околу 1.500 матуранти.

Од Дирекцијата за култура и уметност – Скопје посочуваат дека во Скопје годинава ќе учествуваат средните училишта: „Васил Антевски – Дрен“, „Владо Тасевски“, „Михајло Пупин“, „Раде Јовчевски – Корчагин“, „Здравко Цветковски“, „Димитар Влахов“, „Арсени Јовков“, „Браќа Миладиновци“, „Кочо Рацин“, „Шаип Јусуф“, „Георги Димитров“, „Панче Караѓозов“, „Јосип Броз Тито“, МБУЦ „Илија Николовски-Луј“.

Организатор за нашата земја е Дирекцијата за култура и уметност на Скопје во соработка со Танцов спортски клуб „Ритам плус“, додека пак, покровител на манифестацијата во Скопје е Градот Скопје.

Во изминатите четиринаесет години на матурската парада учествувале матуранти од стотина градови од земјава, Словенија, Италија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Романија, Бугарија, Албанија, Украина, Унгарија и Австрија и вкупната бројка на учесници надминува 450 000.

-Покрај ова, во последните години составен дел на подготовките и на самата завршна манифестација е кажувањето на изјавата –„заклетва” за ненасилство од страна на учесниците во сите градови во земјите во кои се одржува „Матурската парада”, на тој начин не само што во исто време на иста музика во различни градови танцуваат младите, тие, генерациите кои ќе го градат светот во иднина, во исто време од различни делови на светот ја испраќаат пораката за ненасилство, мир и толеранција, информираат од Дирекцијата за култура и уметност – Скопје.