Романското Министерство за надворешни работи го повика на разговор рускиот вршител на должноста, откако на територијата на Романија беа откриени нови делови од дрон слични на оние што ги користи руската армија, пишува Аџерпрес.

На територијата на Романија се пронајдени делови од дрон слични на оние што ги користи руската армија, соопшти вчера романското Министерство за одбрана, а претседателот Клаус Јоханис изјави дека тоа укажува на неприфатливо нарушување на романскиот воздушен простор.

Тој во изјавата рече дека го информирал генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг за деловите од дронот, втор што се урна на романска територија оваа недела, и дека Столтенберг ја повторил целосната солидарност на Алијансата со Романија.

– Идентификувањето од страна на романските власти на територијата на Романија во близина на границата со Украина на нови фрагменти од беспилотни летала укажува на неприфатливо нарушување на воздушниот простор на Романија, земја-членка на НАТО, со реални ризици за безбедноста на романските граѓани во таа област, потенцираше Јоханис.