Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ја одби поканата на украинскиот претседател Володимир Зеленски да ја посети Украина за да го види обемот на руските напади, додавајќи дека го почитува Зеленски, но дека таквата посета во овој момент би била „несоодветна“.

-Имам најголема почит кон претседателот Зеленски, но мислам дека би било несоодветно да одам во Украина во овој момент“, рече Трамп, пренесе „Њузмакс“ (Newsmax).

Според Трамп, администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден „во моменов има работа“ со Зеленски и затоа тој не би сакал „да создаде конфликт на интереси“.

Зеленски го покани Трамп да ја посети Украина, откако поранешниот американски претседател рече дека може да ја прекине руската војна против Украина во рок од 24 часа ако победи на изборите следната година.

Во интервју за Ен-Би-Си, Зеленски го доведе во прашање тврдењето на Трамп и го покани да ја посети Украина за сам да се увери во размерите на руската инвазија.

-Ако може да дојде овде, ќе ми требаат 24 минути – да, 24 минути… да му објаснам на претседателот Трамп дека не може да управува со оваа војна. Тој не може да донесе мир поради (рускиот претседател Владимир) Путин“, рече Зеленски.

Трамп во мај за Си-Ен-Ен тврдеше дека војната немаше да се случи доколку тој беше претседател кога почна целосната руска инвазија и дека би можел да го реши конфликтот за еден ден доколку биде реизбран.

„Ќе се сретнам со Путин. Ќе се сретнам со Зеленски. И двајцата имаат слабости и имаат силни страни. И во рок од 24 часа, таа војна ќе биде решена“, рече тогаш Трамп.

фото:МИА архива