Законот вели дека техничкиот премиер го номинира партијата на власт која има најмногу пратеници, сега не така, Талат Џафери не го номинира СДС, туку ДУИ со соопштение и тие прифатија по принципот „стопанот Ахмети кажува, слугата Ковачевски исполнува“, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски за „Топ тема“ на Телма.

Петрушевски во однос на ставовите и нивното менување истакна дека СДС најмалку може да зборува, ја убедуваа јавноста дека во март ќе има претседателски а во август парламентарни и ќе бидат разделени и тоа им беа ставови од пред еден месец, а сега прифатија заеднички.

– Единствените договори кои СДС ги почитува се тие кои доаѓаат во форма на наредба од стопанот Ахмети, потенцираше Петрушевски.

Во однос на учество во техничката влада, тој истакна дека органите на партијата ќе ја донесат таа одлука.

– Со министри во техничка влада може од прва рака да видиме, наместо да ги класифицираат договорите како Еколог за фабриката за електрични возила во Тетово каде дупка не е ископана да видиме каде и како завршиле тие пари. Да го видиме и договорот за Бехтел и Енка, да видиме како Артан Груби направи Македонија да биде казино центар, да ги видиме сите тие криминали.

Петрушевски нагласи дека техничките министри ќе учествуваат на седниците и ќе имаат можност да ја видат документацијата, а така ќе види и јавноста како функционирале СДС и ДУИ.