Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 8 април.

Денеска е Св. апостоли Иродион, Флегонт, Ермо и други.

Покрај дванаесетте апостоли, Христос испрати и други седумдесетмина да ја проповедаат радосната вест за ослободувањето на човекот од неговата гревовна приврзаност кон земната прав. Меѓу тие 70-мина беа и апостолите што Црквата ги слави на денешен ден. Иродион му беше роднина на апостол Павле. Тој и го спомнува него во едно од своите посланија. Иродион настрада од Евреите. Флегонт беше епископ во гра¬дот Маратон во Тракија, а Ермо во Далмација. Покрај овие, денеска се слават и апостолите Руф, Агав и Асинкрит.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР

Денеска е Св. Анзелмо.

Свети Анзелмо е роден во 1033 година во градот Аоста, во северниот дел на Италија. Живеел монашки живот и се одлучил да стапи во бенедиктинскиот ред. Напишал многу дела, меѓу кои најпознати се “Монологион” или Пример за размислувањето за верата, како и “Прослогион” или Верување кое бара разумно оправдување. Поради големата способност и светост станал надбискуп во местото Кантербуриј. Како надбискуп се борел против мешањето на англиските кралеви во внатрешните работи на црквата. Умрел во Кантербуриј, во 1109 година.