Гутереш ги повика Иран и Пакистан да се воздржат од ескалација на судирите

/ 18.01.2024

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ги повика Иран и Пакистан да „покажат максимална воздржаност за да избегнат понатамошна ескалација на тензиите“ по размената на оган меѓу земјите, изјави денеска портпаролот на ОН.

„Генералниот секретар нагласува дека сите безбедносни проблеми меѓу двете земји мора да се решат по мирен пат, преку дијалог и соработка, во согласност со принципите на суверенитет, територијален интегритет и добрососедски односи“, изјави портпаролот на ОН Стефан Дујарик.

Пакистан утрово започна напади против сепаратистичките милитанти во Иран, два дена откако Техеран соопшти дека погодил бази на друга група во пакистанска територија.

Соединетите држави, исто така, порачаа дека „не сакаат ескалација во Јужна и Централна Азија“, рече портпаролот на Белата куќа на прашањето за нападите од Иран и Пакистан во последните денови.

Американската влада „многу внимателно ги следи“ тензиите меѓу двете земји, кои ненадејно се влошија оваа недела, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност.

Тој додаде дека Пакистан, сојузник на САД, „е првиот нападнат од Иран, што е уште еден опасен напад, уште еден пример за деструктивната улога на Иран во регионот“.


Од истата категорија