Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска во Скопје ќе одржи конвенција за избор на кандидат за претседател на државата, за која функција на партискиот повик се пријави професорката Гордана Силјановска Давкова.

Официјалниот дел на конвенцијата, што ќе се одржи во Филхармонија, е најавен за 13 часот.

– По завршување на работата на работното претседателство согласно предвидениот дневен ред, обраќање ќе има кандидатот за претседател, по што ќе следи двочасовна пауза за гласање. По утврдување на изборот обраќање ќе има повторно веќе избраниот кандидат на конвенцијата и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави прес-службата на ВМРО-ДПМНЕ.

Пред официјалниот дел на Конвенцијата ќе се одржат две панел дискусии: „Претседател на народот, заштитник на сувереноста, Уставот и законите“ и „Претседател кој се грижи за одбраната и стратешките интереси на државата“.  Говорници ќе бидат потпретседателите на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски и Александар Николовски, пратенците и членови на ИК Миле Лефков, Игор Јанушев,  Драган Ковачки,  Дафина Стојаноска и Антонијо Милошоски, …

Силјановска-Давкова, која е актуелен пратеник во Собранието, беше канадидат на ВМРО-ДПМНЕ на претседателските избори во 2019 година. Таа била професорка по Уставно право и Политички систем на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Експерт е за избори на ООН и потпретседател на групата Независни експерти за локална самоуправа при Советот на Европа. Член е на Венецијанската комисија. Автор е на стотина научни трудови за уставното право и политичкиот систем.

СДСМ, пак, утре ќе одржи конгрес на кој треба да се официјализира поддршката за актуелниот претседател Стево Пендаровски кој вчера најави дека ќе се кандидидира за втор мандат.

И Силјановска – Давкова и Пендаровски поддршка за кандидатурите ќе побараат и со собирање граѓански потписи од утре.

Потребните 10 000 потписи од граѓаните веќе ги собраа лидерите на ЗНАМ  Максим Димитриевски, актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи кој е кандидат на ДУИ, кандидатот и претседател на ГРОМ Стевче Јакимовски, Арбен Таравари, кандидат на коалицијата на албанската опозиција „Вреди“ и Билјана Ванковска, кандидат на Левица.

Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а вториот на 8 мај, за кога се закажани и паралементарните избори.

Фото:МИА архива