Српскиот претседател Александар Вучиќ во денешното обраќање до јавноста посочи дека Западот над Србија врши притисоци за враќање на марионетски режим, побара од владата од понеделник да почне со имплементација на препораките на ОДИХР и замоли СНС да разгледа во Белград да се оди на нови избори поради немањето на легитимитет, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ истакна дека Западот од Србија очекува три работи.

-Првата е де факто или де јуре признавањето на самопрогласената независност на Косово и Метохија и откажувањето од поддршката за Република Српска. Втората е воведување санкции против Русија и заземање антикинески став и откажување на економските врски, а третата е воспоставување „марионетски режим“ во Србија кој би ги прифатил овие брања, кажа Вучиќ.

Претседателот на Србија посочи дека синхронизираниот притисок врз Србија се врши преку институции, организации, агенции, политичари, преку медиуми, домашни и странски невладини организации и групи за притисок, користејќи измислени афери, настаните во Бањска, со цел да се криминализира раководството на Србија, да се дехуманизира и демонизира и да се дестабилизира Србија.

-И тоа е поради наводните недемократски тенденции. Па така, изборите биле недемократски, без никакви докази, а состојбата во медиумите наводно е лоша, рече тој.

Вучиќ по повод консултациите за мандатот рече дека во понеделник ќе разговара со претставниците на листата на СПС и „Србија не смее да застане“ (СНС) и дека очекува „да ме известат дека имаат мнозинство, а потоа да ја информираат јавноста кој треба да биде новиот мандатар за состав на влада“.

-Ја повикувам Владата на Србија детално и темелно да ги анализира препораките на ОДИХР и преку работна група од понеделник веднаш да започне со имплементација, во краток рок, на се што е можно веднаш, но и на сите 25 препораки, изјави Вучиќ во врска со извештајот на ОДИХР.

За изборите во главниот град тој кажа дека ги советува претставниците на СНС дека е важно во Белград да нема нелегитимно формирање на власта и да се оди на нови избори.

-Подобро е да ја изгубите власта и подобро да се случи што и да било, отколку да учествуваме во кражба на избори каква Србија виде во 2008 година. Тоа е мојот совет и моја молба за вас, рече Вучиќ.

Претседателот на Србија изјави дека ситуацијата во врска со одлуката за укинување на динарот на Косово не е подобрена и покрај обидите на меѓународните претставници да ја убедат Приштина да ја промени одлуката.

-Во наредниот период ќе бидеме принудени да донесеме различни одлуки со кои ќе најдеме алтернативни решенија за исплата на пари на нашите жители на Косово, рече тој.

Говорејќи на економски теми, Вуќиќ истакна дека е „од голема важност“ почетокот на функционирањето на слободниот пристап на пазарот на трудот во земјите на Отворен Балкан и воведувањето на Единствен идентификациски број со кој граѓаните ќе можат слободно и без бариери да се движат, работат и живеат во било која од земјите членки на оваа иницијатива.