Кандидатот за нов претседател на Република Македонија од редовите на СДСМ, Стево Пендаровски се пофали дека и покрај сите лоши политики на оваа партија, тие никогаш не отстапиле од главната магистрала кон ЕУ.

– Ако го поништиме Преспанскиот договор, оти не ве бендисува Северна, ние излегуваме од НАТО. Значи, просто кажано, ќе не исклучат од организацијата. Ако таа госпоѓа (Гордана Силјановска з.н.) мисли дека самостојно можеме да ја обезбедиме нашата безбедност, на сите граѓани, на нашите граници и на државата, подобро и на поинаков начин, тоа треба да го каже. Меѓутоа, тоа е опасен авантуризам, вели Пендаровски.

Така Пендаровски, го оценува „барањето на Силјановска“ за поништување на Преспанскиот договор, што беше потпишан во преспанското село Нивици, но не прецизира кога и каде таа рекла такво нешто.

– Никогаш не сме оделе ниту лево ниту десно туку само право, затоа што знаеме дека од првиот парламент, од првата влада, тоа е стратегиска цел која не би смеела се менува. Но, опозицијата тоа го прави. Едно зборува, друго прави, трето мисли да прави ако дојде на власт, вели Пендаровски.

Ваквата теза на актуелниот шеф на државата и врховен командант на вооружените сили на Република Македонија отвора дилема кај граѓаните: Дали Македонија заслужи влез во НАТО само поради тоа што и беше сменето уставното име или поради тоа што заслужи влез во Алијансата?!