Блаже Миневски
Во 1835 година, точно на 23 април, започнала обновата на црквата „Св. Великомаченик Георги“ во Струга, а истиот ден била отворена и ’книга за донации’ каде што се запишувале дарителите и даровите што ги донирале. Последните два записа во летописот се од 1916 и 1917 година кога ’Наумка Крстанова Баракова своеволно го подарила ’своето имушество движимо и недвижимно за душа нејзина, вечнаја памјат’, односно ’Георгија Евров подари два чаршафи хубави за света трпеза“’и ’Серафин Дерибан подари едно джубе ( долга машка облека без ракави н.з.) за душата от жена му’.
Всушност, за 82 години, колку што траело обновувањето на црквата, христијаните од градот и околните села, како и печалбарите од тој крај, подариле голем движен, недвижен имот но и ’готови пари’, или ’кеш’ како што се вели денес во жаргон за плаќање во готово. Патем паричните даренија се движеле од неколку гроша, односно наполеона, до неколку стотина па и неколку илјади гроша. Сепак, за да се утврди приближно вистинската вредност на донациите, треба да се види колку ’тежел’ грошот односно наполеонот во тоа време.
Според поменикот, или „книгата за донации“ на струшката црква „Свети Ѓеорѓи“, во 1840 година, на пример, ’Крсте Чакаров дал 150 гроша, Наум Шурбанов – 80, Тане Кочов – 100, Руина Коджоманова – 40 гроша, Марко Далиманов -100, Никола Коковчев – 100, Велјаница Миладинова – 40, Стојан Чакаров – 50, Секулица Милчинова- 50, Насте Косто Годжов – 100 гроша, егуменот на манастирот калишки поп Димитрија поклони на училиштето -100 гроша…’
Во записот за 1845 година стои дека ’Наумица од Мишлешево подари гр. 50, и пак за душа своја’, за 1854 година дека ’Наум Калаиджиов за душа поклона на училиштето гр. 50, а во записот за 1866 година стои дека и ’Стојаница Плакова подарила 50 гроша…’
Во 1876 година веројатно била извршена некаква промена во вредноста на грошот па даровите се многу поголеми од претходните години. Така, според поменикот, ’Мате Хаджов дал 400 гроша, Вела Докова – 500, а Христо Ион Гагов два наполеона…’
Во 1885 година повторно се смалуваат износите па ’Атанас Маджаров од Охрид даде 68 гроша; во 1887 година ’Фанија Крстанова даде 50 гроша’, а во 1891 година ’Георгиј Постол Каджоманов подари 47 гроша, а Иракли Тасе Милчинов еден грош и еден француски наполеон…’
Во 1892 година сумите што ги дарувале за црквата се движат од 34 до 240 гроша. Притоа, како основа за некаква споредба може да се земе податокот дека Андреја Зограф од село Јанковец, на пример, основоположник на овоштарството во Преспа, кој имал расадник во Јанковец и во Ресен, една фиданка ја продавал за половина наполеон, а Ѓурчин Кокале, преродбеник и коџабашија на Лазарополе од 1807 до 1863 година, за секое новородено машко дете во селото за муштулук давал еден златен наполеон!
Вредноста на грошот зависала од процентот на сребро во него!
Но, да видиме како се движел ’официјалниот’ курс на грошот во тоа време. Во 1820 година османлискиот грош тежел 6,41 грам, бил со чистота од 46 проценти, значи во него имало само 2,95 грама сребро. Две години подоцна продолжило обезвреднувањето на грошот, па тој сега тежел само 4,28 грама, бил со чистота од само 54 проценти, што значи содржел 2,32 грама сребро, иако само единаесет години пред тоа еден сребрен грош тежел 9,60 грама, имал 46,6 проценти чистота, или 4,42 грама сребро.
Или, ако се земат како репер 1780 година, кога грошот тежел цели 18,50 грама, и 1822 година кога содржел само 4,28 грама, вредноста на османлиската валута се намалила за близу пет пати. Затоа кон крајот на 1821 година, кога со вазалната српска држава, односно кнежевство, владеел Милош Обреновиќ, најбогат човек во Србија и еден од најбогатите на Балканот, Портата во Цариград издала ферман до сите везири и кадии во европскиот дел на царството, со кој го фиксирала девизниот курс на европските пари во однос на грошот. Било наредено локалните старешини да примаат разни видови пари на име на државни давачки по фиксен курс, а според него да работат и сарафите на локалниот девизен пазар.
Ваквата мерка сигурно ги засегнала и нашите „бизнисмени“. Било наредено девизниот курс на грошот во однос на австрискиот дукат да остане на ниво од 15 гроша за едан австриски дукат, дури и кога неговата цена во менувачниците кај сарафите веќе достигнала 18 гроша и 20 пара; исто така, цената на австрискиот талир морала да остане на ниво од 6 гроша и 20 пари, кога талирот кај белградските сарафи, на пример, се продавал по 8 гроша.
Сметајќи дека примената на ваквиот принуден, нереален девизен курс може да му нанесе голема штета на локалното стопанско и финансиите, осoбено нему како најбогат Србин, Милош Обреновиќ одлучува да собира порез и да ги плаќа државните давачки на Османлиите по цена на парите која ја пропишал султан Махмуд Втори, но паричните трансакции на пазарот да се обавуваат по девизни курсеви кои слободно би се формирале во менувачниците.
Незадоволни од самоволието на кнез Милош, Османлиите во 1822 година повторно го актуализираат ферманот издаден кон крајот 1821 година, но Милош протестирал кај белградскиот везир Абдурахим паша, и продолжил по старо. Кога со хатишерифите од 1830 и 1833 година Србија официјално станала вазална држава на Османлиското царство, сите давачки кои дотогаш биле плаќани на султанот биле ставени во единствен данок од 2.300.000 гроша, но, притоа, Портата направила превид – не го одредила видот на пари во кои Србија ќе го плаќа данокот!
За да ги заштити домашните трговци, а особено себеси како најбогат човек во кнежевството, но и за да ја спаси државната каса, Милош воведува двоен курс на пресметковната парична единица грош, односно донесува одлука порезот да се прима во европски пари, а доколку тоа не е можно, да се примаат и османлиски пари, но со курс „два турска гроша за еден порески грош“.
Килограм пченица дванаесет гроша!
Во тоа време, бугарските трговци, за разлика од српските, на пример, паралелно со турскиот грош, користеле и разни други егзотични монети, како туниски, ирански или индиски пари, кои веќе не се користеле ниту во земјите во кои биле исковани. Сепак најмногу се користела руската сребрена рубља. Се разбира, голем број македонски трговци во целиот тој паричен хаос на Балканот се снаоѓале на најразлични начини, при што поголемите „компании“ формирале свои претставништва низ кои се одвивал целокупниот „бизнис“ од Македонија кон соседните земји, и обратно.
Бизнисот на Робеви, на пример, се одвивал преку претставништвата во Белград, Лајпциг, Трст, Сараево, Цариград, но и преку клоновите во Банат, Босна и Албанија. Во тој период Робеви се акционери во многу европски банки. Сепак, да се вратиме на грошот, и на негова вредност во 19 век, а притоа да се обидеме да направиме некаква споредба со даренијата запишани во пменикот на црквата „Свети Ѓеорѓи“ во Струга.
Во нашите стари ракописни книги, вредноста на грошот секогаш се споредува со неговата моментална куповна моќ а многу ретко со некоја друга валута. Записите оставени на маргините на некои евангелија и стари ракописни книги, на пример, сведочат дека Ѓурчин Кокале, на пример, во 1838 година купил пет книги од манастирот „Лисокој“ за седум гроша, или 12 минеи за 81 грош.
Според записи од 1741, 1747, но и од 1875 и 1879, вредноста на грошот може да се види преку споредбата со она што можело да се купи или плати со одредна сума. Во еден од записите стои дека „пченицата помина килото дванаесет гроша а ’ржта помина килото осум гроша“, или во истиот запис „кутија сребрена чини сто и дваесет гроша“. Во 1741 година „едно јагне за три гроша, ока сол за пет гроша“, додека од запис шест години подоцна може да се види дека некој јеромонах купил четири книги за пет гроша.
Во 1875 година „сламата грош за ока се продава, и ја нема, а говедата и конето и овците манастирски умреха оти нема слама“. Значи, вредноста на грошот зависи од моменталната понуда на стока на пазарот. Во запис од 1818 година некој монах запишал дека „едно јагне се продаде за пет гроша“, а во евангелие од 1879 година е запишано дека „тогаш беше евтина овцата, сосе јагне се даваше за 120 гроша, само јагне 60 гроша, маслото 20, сиренето 10 гроша, пресното 6 гроша, урдата 5 гроша, месото јагнешко до 8 гроша, јарешко 5 гроша“. Значи, грошот за само шеесетина години станал послаб за речиси петнаесет пати!
Според бугарски извори, пак, во 1880 година, плата на судија во Бугарија била околу 1.500 гроша, а еден квалитетен леб од прва категорија во истото тоа време се продавал за два гроша. Ако се има предвид токму таа вредност на грошот, тогаш ’Атанас Маджаров од Охрид кој даде 68 гроша’, или ’Фанија Крстанова која даде 50 гроша’, можеле да купат отприлика по едно јагне, или по околу три литри масло, или пет килограми сирење или шеесет килограми слама ’за конето и овците (кои) умреха оти нема слама’!
Што е грошот?
Според проф. д-р Лилјана Макаријевска од Институтот на македонски јазик, ’грошот всушност е сребрена веницијанска монета којашто била воведена во времето на дуждот Андреја Контарини во средината на 14-от век. Со својата стабилна тежнина од 2,178 грама и непроменлива чистота на сребро од 98,5 проценти, грошот станал доминантно платежно средство во трговијата низ Медитеранот’. Сепак, кај нас, терминот грош најчесто се идентификува со платежното средство на Отоманската империја, монета со која се водела речиси целокупната платежна активност во империјата. Значи, грошот е ситна османлиска монета од 40 пари, или, за споредба, еден грош бил рамен на 40 пари, а една лира – 4000 пари. Во поменикот со донации не е запишана ниту една лира како подарок за црквата „Свети Ѓеорѓи“ во Струга!Нашиот Ѓурчин Кокале, пак, меѓудругото, честопати го помагал манастирот ’Свети Јован Бигорски’ но и манастирот ’Света Богородица Пречиста’ кај Кичево. Манастирот ’Свети Јован Бигорски’ бил ограбуван и опожаруван од албански арамиски банди, па останало запишано дека Ѓурчин Кокале, заедно со мијачките првенци Сарџо Брадина од Тресонче и Тодор Томоски од Галичник, како и со помош на сите Мијаци, одново го обновиле манастирот. Само од Лазарополе во 1850 година биле собрани уште 500 гроша за да се направат нови конаци во манастирот!
Каков златник е ’наполеонот’?
Според речникот на современиот македонски јазик, „наполеон“ е златна монета од 20 франци со ликот на Наполеон I и Наполеон III. Овој златник се ковел во повеќе верзии со тежина од 6,45 грама , со 90% злато во него, што значи дека количеството на злато во секој „наполеон’ било 5,80 грама. Пречникот на оваа монета бил 21 мм а дебелината 1,3 мм. Златни монети со исти карактеристики се ковеле и во Белгија, Германија, Италија, Австро-Унгарија, Србија итн., што значи дека оние неколку „наполени“ донирани за црквата во Струга би можеле да потекнуваат и од некоја од овие земји. Инаку, француските златни „наполеони“ од 20 франци со ликот на Наполеон III се ковеле од 1852 до 1870 година во големи количини, па и денес ги има во многу нумизматички колекции во светот. Според неофицијални нумизматички информации, „наполеоните“ од 1903 година, на пример, се откупуваат од 220 до 250 евра, затоа што немаат нумизматичка вредност, односно во цената се пресметува само вредноста на златото. И во една понова македонска пресуда за грабеж стои дека судот ја одредил следната цена за украдените златници: „две златни пари ’наполеон’ од 22 карати, со тежина од по 6,4 грама, во вредност од 18.450 денари, и две златни турски лири од 21 карат, со тежина од по 7,2 грама, во вредност од 18.450 денари!
Калфа во арабаџиски дуќан заработувал од 8 до 10 гроша дневно!
Според запис од 1830 година за еден коњски товар од Солун до Белград, на пример, се плаќало 51 грош а од Белград до Битола – 50 гроша! Стоката од Солун до Скопје се пренесувала за околу 47 часа, од Скопје до Битола за 28 часа, а од Костур до Охрид се патувало 24 часа. Висината на киријата зависела од повеќе чинители, односно од понудата и побарувачката, од временските услови, теренот низ кој минувал патот но и од безбедносните состојби на патиштата по кои треба да помине карванот.
Во четириесеттите години на 19 век тетовските трговци само во Скадар извезле стока во вредност од 420.000 гроша! Во спомените, пак, на Андон Ќосето за времето околу 1893 година е забележано дека минаималната цена на ќумурот за ’товар магарешки’ била 15 а за ’товар коњски’ – 20 гроша.
Кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, кога, на пример, за вечнаја памјат, односно за возобновување на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Струга ’Атанас Маджаров од Охрид дал 68 гроша’, а ’Фанија Крстанова 50 гроша’, обичен калфа во тетовски абаџиски дуќан, во кој се шиела облека од груба волнена ткаенина, заработувал од 8 до 10 гроша дневно!
Според податоците за 1912 година, пак, берберите годишно заработувале по околу 1.000 тогашни српски динари, двеста помалку од јорганџиите, а во тоа време за 100 динари можеле да се купат осум волови! Еден јорганџиски калфа, на пример, заработувал 36 динари месечно, плус појадок и ручек. Кројачите биле далеку поплатени: мајсторите годишно заработувале до 2000 динари, а калфите до 400 динари, плус појадок и ручек! Според тоа, кројачки калфа можел да заработи и до 32 вола годишно.