Деветоодделенецот Павел Милановски, од кумановското основно училиште „Кочо Рацин“ ја доби првата награда на глобалниот натпревар на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) за постер кој им оддава признание на земјоделците како херои на храната, по повод Светскиот ден на храната во 2020 година. Наградата ја доби во силна конкуренција на ученици од 13 до 15 години.

Ученикот раскажува дека штом ја дознал темата од менторот се потсетил на исклучителниот труд, желбата за добро производство на негов стар роднина-земјоделец. Со цртежот, вели Павел сака да упати порака дека земјоделците се суперхерои во денешно време кои со исклучителен напор произведуваат здрава храна.

– Секоја недела моите родители одеа кај него за набавка на свежа, здрава храна и можам да кажам дека секогаш беше повкусна. И тогаш не ми беше јасно зошто еден постар човек толку многу се вложува, се труди да произведе храна која е достапна и во маркети и е евтина. Ми беше жал за неговите грижи и маки да произведе храна. Сега разбирам дека да не бил тој, никогаш не би пробал вистински, здрава храна, така што за мене тој е херој и сликата е направена во негова чест, вели Павел.

Тој не ја очекувал наградата, бидејќи знаел дека ќе конкурираат ученици од многу држави. Павел првпат за натпреварот употребил постер-плакат и сака да продолжи во ја користи оваа техника.

Инаку, Павел ќе го продолжи образованието во оваа насока, сака да се запише во средното уметничко училиште. Павел вели дека од мал цртал и обожава да се изразува преку различни техники. Се сеќава дека цртал на тригодишна возраст на хартија од леб. Неговиот ментор, Далибор Јовановски вели дека Павел е исклучително талентиран ученик. Неговиот талент го забележал на интерен натпревар во училиштето, кога Павел бил трето одделение. Тој мислел дека цртежот го сликале или неговите родители или поголеми ученици.

– За повикот дознавме од надлежните од училиштето. Задоволни сме од наградата, искрено, ученикот имаше прекрасна идеја за реализација на темата – светски ден на храната и 75-годишен јубилеј на ФАО. Сметам дека придонесуваме да се подигне свеста кај населението за значењето и важната улога кои ја имаат земјоделците особено сега во време на пандемија кои на некој начин се херои, неуморни работници кои произведуваат храна за секоја трпеза, истакна професорот Јовановски.

Професорот по ликовно образование, вели неговиот ученик исклучително добро се снаоѓа во сите техники, иако за овој натпревар користеле постер плакат со помош на фотошоп, што првпат го применува.

– Во текот на работењето се консултиравме за одредени проблематики, за да дојде од идејно решение скица нацртано на лист од блок до крајниот резултат постер, вели Јовановски.

Милановски е добитник на бројни меѓународни и државни награди. Има освоено неколку први, втори, трети места на меѓународно ниво на различни теми, аплицирајќи со цртежи, скулптури. Инспирацијата ја наоѓа од секојдневието, а дневно поминува неколку часа вежбајќи.

Заедно со професорот најавија дека ќе продолжат да ги цртаат муралите на ѕидовите од основното училиште.

Алексадра Максимовска за МИА