Непознат маж со нож го избодил писателот Салман Ружди додека тој држел предавање на институтот Шатагва во Њујорк. Во моментов не се знае каква е неговата здравствена состојба но она што се знае е дека напаѓачот е фатен.

Главата на Салман Ружди со децении е уценета поради неговото дело, романот „Сатански стихови“ објавен во 1988 година во Британија и за кој ја доби Букеровата награда.

По објавата на романот животот на писателот се претвори во пекол особено откако иранскиот верски водач ајатолахот Хомеини му изрече смртна пресуда со образложение дека „Сатански стихови“ го навредуваат пророкот Мухамед.

Ружди кој многумина го сметаат за најголем индиски писател после Тагоре, помина 13 години живеејќи под лажно име, со постојана полициска заштита.

Писателот престана да го користи лажното име после 11 септември 2001 година,три години откако тогашниот ирански претседател Мухамед Хатами изјави дека смртната казна веќе не важи.

Полицијата на државата Њујорк потврди дека Ружди се здобил со убодна рана во вратот и со хеликоптер бил пренесен во болница. Човекот кој го нападнал е уапсен и е во притвор.

Полицијата објави дека напаѓачот го повредил и модераторот кој требало да го интервјуира Ружди. За среќа неговите повреди се полесни, информираат од полицијата.