Каевски исто како неговиот шеф Ковачевски е одлепен од реалноста. А дека се одлепени од реалноста говори фактот што според економските показатели сме на дното во Европа и регионот, додека граѓаните се се посиромашни, реагира ВМРО-ДПМНЕ.

Бројките кажуваат дека откако се СДС и ДУИ на власт земјите од регионот ја поминаа двојно Македонија, односно земјава со нив тоне.

Од 2017 до 2023 година, Босна и Херцеговина има 42% раст на БДП по глава на жител, Србија 50%, Бугарија 64%, Албанија 52%, а Македонија само 20%.

Исто така со СДС и ДУИ Македонија доби скоро 50% поголема инфлација од земјите во ЕУ.  Во ЕУ инфлацијата е 4.3%, во Македонија 6.6%

Воедно дури и последната анкета кажува дека над 80% од граѓаните сметаат дека цените се уште растат.

Колку донесле подобар живот покажува фактот не само што расте сиромаштијата, туку екстремната сиромаштија.  Од 56.000 во 2019, годинава ќе ја завршиме со 86.400 екстремно сиромашни, додека од 360.000 умерено сиромашни сега ќе имаме скоро 600.000 граѓани. Толку од фалбите за подобар живот со СДС и ДУИ. Ова значи дека над 80.000 луѓе едвај преживуваат со помалку од 80 денари, а помалку од 150 денари има секој трет човек во државава.

А колку е добар стандардот говори и тоа што држави од соседството како Хрватска и Словенија за Македонија станаа како Германија, па граѓаните масовно таму си ја бараат иднината.

Со оваа власт единствено што растат се сиромаштијата, инфлацијата, криминалот и корупцијата. Никогаш не било полошо, затоа е важно да ги поразиме, соопштува партијата.