Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 26 август

Денеска е Св. маченици Адријан и Наталија

Свети Адријан и Наталија потекнуваа и живееја во Никомидија. Двајцата беа од богат род. Адријан, кој беше началник во преторијата, беше незнабожец, а Наталија тајна христијанка. Пред своето мачеништво тие проживеаа во брак само една година. Во нивно време царот Максимијан ја посети Никомидија и не пропушти прилика тука да ги прогонува христијаните. Имено, во близината на градот, во една пештера, се криеа 23 христијани. Некој ги поткажа овие на властите, а војниците ги извлекоа оттаму, ги изнамачија и ги фрлија в затвор. А Адријан, како човек со прав ум, се чудеше на нивната истрајност и преку нив и тој поверува во Распнатиот и Воскреснатиот. И не го криеше тоа, туку јавно го исповеда, поради што беше затворен. Кога слушна за тоа, Наталија дојде во затворот и тука им служеше на сите и го бодреше Адријана да истрае во сведоштвото. Набргу сите беа погубени. А после три дена, како особено приврзана гулабица, и Наталија се прибра мирно кон својот брачник.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР

Денеска е Раѓањето на Марија.

Веќе 12 векови црквата го прославува овој празник. Со нејзиното раѓање се отворил нов период кој го најавува нашето спасение. Марија ќе го роди Исус Христос, спасителот на светот кој потполно го победи ѓаволот и ни ја отвори вратата кон рајот, т.е. вечниот живот.