Вселенската патријаршија ја носи одговорноста да ги поставува работите во православниот свет во црковен и вообичаен поредок, бидејќи само таа ја има привилегијата да ја извршува оваа врвна и вонредна задача, вели вселенскиот патријарх Вартоломеј во врска со последната одлука на Архиерејскиот собор на Вселенската патријаршија да може да дава автокефалност на цркви и без согласност на другите помесни цркви.

– Ако Вселенската патријаршија се откаже и не ги исполнува своите одговорности и се одалечува од православниот ред, тогаш локалните цркви ќе одат „како овци без пастир“, игнорирајќи ги црковните иницијативи кои ја збунуваат понизноста на верата со ароганцијата на моќта, истакнува Вартоломеј укажувајќи на улогата на Вселенската патријаршија во православниот свет, пренесува специјализираниот православен сајт orthodoxia.info.

На средбата одржана на почетокот на месецов било разговарано за прашања што се однесуваат на Вселенската патријаршија и внатрешните односи во православната заедница, вклучувајќи ја и ситуацијата во Украина, чија црква побара од вселенскиот патријарх да и даде автокефален статус. На ова барање остро се спротивставува Московската патријаршија, тврдејќи дека Вселенската патријаршија нема надлежност да интервенира во црковни прашања во Украина.

– Во текот на првиот милениум нашите благословени предци се соочија со искушението на секташтвото. Големото искушение на вториот милениум со кое и сега се соочуваме е јурисдикцијата на црквите. Изворот на овој проблем се етно-схоластицизмот, експанзионистичките тенденции и поставените границите на црквите, посочува вселенскиот патријарх.

Вартоломеј нагласува дека Вселенската патријаршија има одговорност да ги става работите во нормален црковен поредок бидејќи само таа има привилегија и благослов од Црквата и Вселенските собори да ги исполнува тие обврски како мајка и авторитет на православните цркви.

Архиерејскиот собор на Вселенската патријаршија на состанокот одржан во Истанбул од 1 до 3 септември, донесе одлука да може да објавува автокефалност на црквите кои сакаат да добијат независност, и без согласност на останатите помесни православни цркви. Тоа според верските аналитичари практично значи дека Руската и Српската црква нема да можат да ја спречат независноста на Украинската и на Македонската православна црква.

Руската и Српската црква се изјаснија против независноста на украинската и на македонската црква, инсистирајќи на тоа дека за да добијат тие автокефалност, потребно е со тоа да се согласат сите останати православни цркви. Со тоа, Москва и Белград се надеваат дека ќе го блокираат патот на Македонија и Украина кон независност на црквите.

Московскиот патријарх Кирил пред неколку дена беше во Истанбул на средба со вселенскиот патријарх Вартоломеј, во обид да го спречи давањето авфокефалност на украинската и на македонската црква. Грчки и бугарски медиуми, повикувајќи се на извори во Вселенската патријаршија, објавија дека се очекува до крајот на месецов, Цариград да издаде томос за независност на украинската црква. Се уште не е познато во која фаза е постапката во однос на Македонската православна црква.