Претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер денеска обраќајќи се на германски и на полски јазик, побара прошка од полските жртви од германската тиранија во Втора светска војна.

– Им се поклонувам на жртвите од нападот во Вилун, им се поклонувам на полските жртви од германската тиранија и барам прошка, истакна Штајнмајер на комеморацијата во полскиот град Вилун по повод 80-годишнината од почетокот на Втора светска војна.

Тој упати и благодарност до Полска за „пружената рака во знак на простување“.

– Како претседател на Германија сакам да ве уверам дека ние никогаш нема да заборавиме, секогаш ќе памтиме и сакаме да памтиме и преземаме одговорност наметната од нашата историја, посочи Штајнмаер.

Штајнмаер и неговиот полски колега Анджеј Дуда утрово ја почнаа комеморацијата по повод 80-годишнината од почетокот на Втора светска војна.

Церемонијата почна во полскиот град Вилун утрово во четири часот и 40 минути, кога првите нацистички бомби паднаа на Полска и загинаа првите цивили.

По едноминутното молчење, Дуда му се заблагодари на Штајнмаер за неговото присуство.

Подоцна, премиерот на Полска, Матеуш Моравијецки и европскиот претставник Франс Тимерманс ја одбележаа годишнината на полуостровот Вестерплате, каде се случи првата битка од Втората светска војна.

На главниот настан во Варшава ќе присуствува германската канцеларка Ангела Меркел, потпретседателот на САД, Мајк Пенс и други.