Градоначалничката на Амстердам, Фамке Халсема денеска предложи излозите познати како „црвени фенери” или „Црвената улица“, каде што сексуалните работнички и работници ги нудат своите услуги, да бидат затворени, или пак, тие да бидат преместени во друг дел од градот.
Како што истакна Халсема, целта на оваа идеја е да се заштитат правата на сексуалните работници, спречување криминал и отстранување на проблемите на околните жители и компаниите.
„Црвените фенери” имаат долгогодишна традиција и се наоѓаат близу главниот градски пловен канал. Последниве години, градските власти настојуваат да го намалат бројот излози, кој изнесува вкупно 330. Главно навечер, групи туристи го разгледуваат ова подрачје.
Тука има и кафулиња во коишто се продава марихуана.
Во соопштението на градските власти се наведува и дека за некои туристи, сексуалните работници се само „атракција за гледање“ и ништо повеќе од тоа.