Вкупно 2.569 граѓани на Косово кои живеат во странство побарале бришење од косовското државјанство во периодот од 1 јануари до 31 јули оваа година, објави денеска косовското Министерство за внатрешни работи (МВР).
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, во текот на 2018 година од матичното државјанство се откажале вкупно 5.481 граѓанин на Косово.
Најголемиот број од тие што поднеле барање за бришење од косовското државјанство се лица кои живеат во Германија, а следуваат оние од Австрија и од Словенија.
Според статистиките што ги објави косовското МВР, државјанство на Република Косово во првите седум месеци од годинава побарале 305 лица, додека во текот на целата мината година истото го сториле 638 лица, од кои најголемиот дел доаѓаат од соседните држави.