Пациент заразен со западнонилска треска е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести во Скопје.

Д-р Билјана Даниловска од  Центарот за јавно здравје Скопје за МИА изјави дека случајот е лабораториски потврден во оваа здравствена институција.

Милена Стевановиќ, директор на Инфективната клиника, исто за МИА, изјавила дека пациентот заразен со западнонилска треска кој е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести во Скопје се наоѓа во тешка состојба со манифестација на централниот нервен систем.  Ова е прв случај на западно-нилска треска летово во државава, и е потврден лабораториски во Центарот за јавно здравје во Скопје.

Стевановиќ информираше дека хоспитализираниот, на возраст од 66 години, веќе една недела е на лекување на одделот за интензивна нега на Инфективната клиника, а болеста претходно му е дијагностицирана во ГОБ „8. Септемви“ во Скопје.

На  Инфективната клиника сезонава досега не регистрирале други сомнителни случаи од заразата  којашто е векторски пренослива преку комарци. Најчесто поминува како настинка, а кај  мал процент се манифестира со потешка клиничка слика.

Според Стевановиќ, нема простор за паника кај населението за кое остануваат главните препораки за заштита од комарци.

Покрај прскањето против комарци од страна на надлежните институции, како што вели Стевановиќ, и епидемиолошките и останатите служби  преземаат редовни и рутински активности за превенција и заштита.

Инаку, оваа болест се карактеризира со воспаление на мозокот (енцефалитис) и нема никакви карактеристики кои ја разликуваат од другите видови енцефалитис, поради што е неопходно да се направат повеќе лабораториски тестови.

Овој опасен вирус не се пренесува преку контакт меѓу луѓето. Едно лице може да бидат инфекцирано само ако е каснато од заразен комарец, а симптомите се јавуваат 3 до 14 дена по заразувањето.
Болеста се манифестира со треска и главоболка, вкочанетост на вратот, дезориентација, кома, замор, конвулзии, мускулна слабост и парализа.

Околу 80 проценти од инфицираните поминуваат без симптоми додека останатите имаат полесна клиничка слика. светската статистика покажала дека кај еден од 150 случаи на заразен се јавуваат силни знаци на болеста.

Полесна клиничка слика:

Грозница
Главоболка
Мачнина
Повраќање

Болки во телото
Осип на кожата и потечени лимфни јазли

Тешка клиничка слика

Запаление на мозокот

Висока телесна температура
Грчеви
Губење на свеста
Вкочанет врат
Парализа