Ако биде вклучен бројчаникот на Зоран Заев на палатата Македонија денеска треба да покаже ново задолжување на Република Македонија за 125 милиони евра.
Како што соопшти Владата го утврдиле текстот на предлог- законот за задолжување на Република Македонија кај Меѓународната банка за обнова и развој- Светска банка по Договорот за заем за развојни политики за јавни финансии и конкурентност, кој го доставува до Собранието за усвојување.
Целта на заемот, според Владата, е да се обезбедат средства за буџетска поддршка, а основното начело врз основа на кое се заснова овој предлог е обезбедување заем за развојни политики за јавни финансии и конкурентност.
– РС Македонија и Светската банка ќе склучат договор за заем во износ од 125 милиони евра, кои се дел од новата Рамка за партнерство на државата со Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка договорена на 18 април 2019 година за периодот 2019-2023 година во висина до 420 милиони американски долари за нови заеми во текот на следните 4,5 години на спроведување на Рамката за партнерство, во зависност од капацитетот за кредитирање на Светска банка, барањата на други заемопримачи, успешноста и приоритетите на земјата и глобалните економски настани, соопшти Владата.
Во соопштението се додава дека Рамката за партнерство се фокусира на три меѓусебно поврзани области кои Македонија ги има постигнато: извозно ориентиран раст, подобрување на средината за конкурентен приватен сектор, инклузивен раст, односно проширување на вештините и можностите за најранливите категории и одржлив раст, односно подобрување на одржливоста и градење на отпорност на шокови.
Веројатно граѓаните знаат, но да потсетиме дека Заев инвестираше во поставување бројчаник на палата Македонија, кој требаше да ги регистрира сумите на „украдени пари од режимот“ кои оваа власт ќе им ги враќаше на граѓаните. До денеска бројчаникот не проработе, скршен денар не им е вратен на граѓаните, а од тогаш, како што секојдневно слушаме и гледаме, се изрекетираа и се свртеа на тендери големи суми евра.
За да не биде бројчаникот уште една Заева промашена инвестиција, може да ги регистрира барем бројките на суми со кои е задолжена Македонија во мандатот на оваа власт.