Шефицата на европската дипломатија во заминување Федерика Могерини ја повика Унијата да го задржи силното присуство на Западен Балкан за остварување на јасниот интерес-воведување на целиот Балкан во ЕУ.
-Убедена сум, доколку тоа не го сториме, дека ќе зажалиме веќе за неколку години, порача Могерини.
Во своето обраќање на годишната конференција на амбасадорите на земјите членки на ЕУ, во Брисел, Могерини оцени дека влезот на Западен Балкан во ЕУ е прашање на повторното обединување на целиот европски континент и дека тоа му е потребно како на Балканот, така и на ЕУ.
-Имаме јасен интерес да го воведеме целиот Балкан во ЕУ. Сите знаеме дека е тоа долг, комплициран, секогаш интересен и разигран процес што ќе бара доста време, решавање на проблеми и многу политичка преданост од сите страни и одлучност, наведе Могерини.
Таа го наведе примерот со прашањето на името на Македонија оценувајќи дека тоа се постигна со залагањето на Атина и Скопје и со константна поддршка и охрабрување од ЕУ.
-Истото важи и за целиот Балкан. Ќе ни треба храброст, лидерство и упорност, како и тоа таму да го задржиме нашето константно присуство, што значи секој еден ден, нагласи таа.