Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека парламентот е „на работ да уништи било каков договор“, што неговата влада ќе може да го постигне со ЕУ за условите за излез на Велика Британија од Унијата.
Џонсон, кој ноќеска претрпе голем пораз во парламентот бидејќи ториевските побунети и опозициските пратеници гласаа за преземање на контролата врз излегувањето на Велика Британија од ЕУ , предупреди дека со гласањето за блокада на Брегзит-от без договор, што е најавено за денеска, Брисел ќе добие предност во преговорите.
Тој тврди дека тоа би довело до неизвесност, одложување и забуна, пренесуават американските медиуми.
Џонсон кажа и дека не сака нови избори, но дека ќе ги распише за избирачите да можат да одлучат кој ќе ги води преговорите за Брегзит.
Британскиот парламент ноќеска го одобри почетокот на постапката за усвојување на закон со кој ќе се спречи излегувањето на Велика Британија од ЕУ без договор.
За предлогот гласаа 328 пратеници, додека 301 беа против.
Парламентот денеска треба да се изјасни и за одложувањето на Брегзит, односно за излегувањето на Велика Британија од ЕУ без договор.
Џонсон вчера го загуби мнозинството во парламентот кога еден пратеник од неговите конзервативци премина во редовите на проевропската Унија на либерални демократи.