Дарко ЈАНЕВСКИ

Се чини, со вчерашното соопштение на Јавното обвинителство на РМ, со кое се известува јавноста дека Обвинителството одлучило да ги преземе предметите од СЈО, самото ЈО и неговиот прв човек Љумобимр Јовески признаа дека Специјалното обвинителство е неуставно.

Имено, во соопштението се вели дека одлуката за преземање на предметите од СЈО, по писмото на Катица Јанева, ЈО ја донело врз основа на став кој е „заснован на уставната положба на Јавното обвинителство како единствен државен орган надлежен за гонење на сторителите на кривичните дела и на други со закон утврдени казниви дела, начелото на легалитет на кривичното гонење, според кое јавниот обвинител е должен да преземе кривично гонење, ако постојат докази дека е сторено кривично дело за кое се гони по службена должност, како и обврската во име на општеството да се грижи за ефикасноста на кривично – правниот систем, почитувајќи го принципот на правна сигурност на граѓаните како темелна вредност на владеењето на правото“.

И ако внимателно го прочитате ова, ќе видите дека токму ЈО тврди дека уставната положба е таква што тоа е „единствен орган за гонење на кривични дела во државата и на сторители на кривични дела…“.

Ако тоа го тврди Обвинителството, тогаш тоа е само уште едно признание дека СЈО кој не спаѓа во хиерархиската поставеност на ЈО, не е уставен орган и дека неговата работа била, и е неуставна. Ако тоа е така, независно што Уставниот суд беше замолкнат од партиите, тогаш автоматски се наметнува прашањето: како може ЈО на Македонија да презема предмети за гонење на кривични дела и нивни сторители од некој кој немал право такво нешто да прави бидејќи излегува надвор од „уставната положна на ЈО како единствен орган за гонење на…“. Може ЈО да гони по допрен глас, врз основа ан свои сознанија… да не ги редиме сега основите, ама не може да гони преземајќи предмети од некој што немал право да гони зашто е надвор од единствениот орган, па таман десет закони за тоа да биле донесени. Белким во оваа држава остана барем тоа: дека Уставот е над законите.  

Второ, како тоа некој кој нема уставна положба да гони сторители на кривични дела, досега го правел тоа? Зар не е тоа кривично дело Јовески?

Трето, ако ЈО е должно да го почитува принципот на “правна сигурност на граѓаните како темелна вредност на владеењето на правото“, како тогаш ЈО дозволило некој да ги гони граѓаните на РМ за кривични дела, а не е во рамки на „Јавното обвинителство како единствен државен орган надлежен за гонење на сторителите на кривичните дела и на други со закон утврдени казниви дела“? Каква правна сигурност сте им обезбедиле на граѓаните?

Четврто, ако некој неуставно ги гонел граѓаните, а ЈО е „должно да преземе кривично гонење, ако постојат докази дека е сторено кривично дело за кое се гони по службена должност“, тогаш, Јовески, што треба да биде следниот чекор на ЈО?