По вчерашните два пожари и инциденти во прифатниот центар за бегалци и мигранти Мориа на грчкиот остров Лезбос во кој животот го загубија жена и дете, а 17 лица беа полесно повредени, утрово ситуацијата е мирна и се санираат штетите, јави МИА од Атина.
Според грчките медиуми, загинатите се мајка и дете кои изгореле во пожарот, а од Министерството за здравство на Грција, соопштуваат дека со возила на брза помош во болницата во Митилини биле пренесени девет мажи, шест жени, едно дете и едно бебе кои се вон животна опасност и имаат ортопедски повреди и проблеми со дишењето.
На грчкиот остров од синоќа се и началникот на полицијата и генералниот секретар за миграциска политика од Министерството за цивилна заштита, како и полициски сили од Атина.
На инцидентите во прифатниот центар Мориа, им претходеа два пожари, кои избиле од се уште непознати причини. Првиот, според грчката полиција, избил кусо пред 17 часот на оддалеченост од околу 400 метри од кампот и веднаш бил изгасен, а вториот, 20ина минути подоцна во внатрешноста на центарот.
Според невладините организации во Мориа, вториот пожар многу брзо се проширил и изгорел осум од 12те контејнери во кои се сместени бегалците и мигрантите.
Кусо по пожарот, започнале и инцидентите, а ситуацијата доцна синоќа излезе од контрола. Бегалците и мигрантите со камења и предмети ги нападнале пожарникарите, отежнувајќи им ја нивната работа. Следеле и инциденти меѓу лицата сместени во кампот кои што се од различни земји, а семејства со деца, за да се спасат, почнале да го напуштаат прифатниот центар.
Инцидентите подоцна се префрлиле меѓу бегалците и мигрантит со полицајците, кои употребиле шок бомби и солзавец.
Управителите на Центарот за прием и идентификација на бегалци и мигранти, заедно со вработените го напуштиле кампот.