Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово Филип Коснет ги повика утрово косовските граѓани да излезат и да го дадат својот глас на вонредните парламентарни избори, јави дописникот на МИА од Приштина.
Коснет преку објава на Твитер им порача на Косовците дека секој нивни глас е значаен и дека треба да гласаат заради сопствената иднина.
– Добро утро гласачи на Косово. Денеска е денот да излезете и да гласате. Вашиот глас е значаен – гласате за себе, за вашата земја, за вашата иднина. Косово е вашиот дом, напиша Коснет.
Во Косово денеска се одржуваат седмите парламентарни избори од завршувањето на војната во 1999 година. Право на глас имаат над 1,9 милиони граѓани, а учествуваат 25 политички субјекти, од кои 20 партии, четири коалиции и еден независен кандидат.