Гувернерот на Калифорнија Гевин Њусом донесе закон за укинување на приватните затвори, институции кои ги обвини дека придонеле за поголем број затвореници.

Њусом, демократ кој на чело на Калифорнија дојде во јануари, рече при потпишувањето на законот дека приватните затвори „придонесуваат за пренатрупаност на затворите“ и „не ги одразуваат вредностите на Калифорнија“. Во март, тој издаде мораториум за смртната казна во најбогатата американска држава.

Новиот закон им забранува на затворските установи во Калифорнија од 2020 година да склучуваат нови договори или да ги обновуваат постојните договори со приватните затвори, кои до 2028 година веќе нема да постојат во таа држава.

Истата мерка се однесува на приватни фирми кои водат центри за притвор за илегални мигранти.

Од вкупно 115.000 затвореници во Калифорнија, околу 1.700 се наоѓаат во приватни затвори, каде што условите честопати се предмет на критика од бранителите на човековите права.