Од почетокот на годинава, заклучно со 13 октомври 2019, во Грција пристигнале 50 720 бегалци и мигранти, од кои 39 775 по морски пат, според податоците од УНХЦР- Грција, бројка речиси идентична со пристигнувањата за 12 месеци минатата година кога беа регистрирани 50 963, jави дописничката на МИА од Атина.
Во периодот од 7 до 13 октомври, според седмичниот извештај на УНХЦР- Грција, на островите во Егејското море стигнале 1 649 лица, а најголем број се регистрирани на Лезбос -896 бегалци и мигранти.
Според официјалните податоци од грчката влада кои што се објавуваат на дневна основа, во првата половина на октомври, заклучно со 15.10.2019, на островите во источниот дел на Егејското море пристигнале 4 443 бегалци и мигранти, а од прифатните центри на островите во другите делови на Грција биле префрлени 2 494 лица.
На грчките острови што се наоѓаат во близина на турското крајбрежје сместени се 33 120 бегалци и мигранти, а Лезбос и понатаму е најпогоден од бранот бегалци и мигранти. На островот сместени се 16 066 лица, од кои 13 851 во центарот за регистрација и идентификација Мориа што е со капацитет од 2 840 места.
На Самос, каде што пред неколку дена избија сериозни инциденти, во прифатниот центар наменет за 648 лица, престојуваат 5 851.
– Зголемениот мигрантски бран од Турција ја става Грција под се поголем притисок, изјави грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, кој најави дека мигрантското прашање ќе го постави на Самитот на ЕУ, кој се одржува денеска и утре во Брисел.
Осудувајќи ја одлуката на некои земји да одбијат да прифатат мигранти, Мицотакис оцени дека за оние кои не дејствуваат во насоките на европската солидарност, треба да има последици.
– Европа мора да биде подготвена за можноста од „нов миграциски и бегалски бран, кој ќе минува преку Грција, истакна Мицотакис.