Откако по речиси една недела неизвесност Европскиот Совет вчера не постигна консензус за отворање преговори со С. Македонија по категиоричното „не“ на францускиот претседател Емануел Макрон, премиерот Зоран Заев до доцна синоќа одржуваше консултации на повеќе нивоа за следните чекори, додека претседателот Стево Пендаровски за в недела закажа лидерска средба.
Пендаровски по состанокот на лидерите на ЕУ во Брисел се обрати до граѓаните со порака дека сега не е време за разочарување, за апатија или за калкулации за добивање на ситни дневно-политички поени, туку е време за повторно обединување околу она што ни е најважно во РС Македонија, како што рече, нашата иднина и иднината на генерациите што доаѓаат.
Шефот на дипломатијата Никола Димитров се огласи на Твитер со ставот дека најмалку што Европската Унија му должи на регионот е да биде јасна кон нас. – Ако не постои веќе консензус за европската иднина на Западниот Балкан, ако ветувањето од Солун во 2003 повеќе не важи, граѓаните заслужуваат да знаат, напиша Димитров на Твитер.
Вицепремиерот задолжен за европски прашање Бујар Османи рече дека ние сме дел од Европа и денешната неправда не смее да нѐ оддалечи од нашите напори да продолжиме со имплементацијата на реформите, изградбата на добрососедските односи и негувањето на соживотот и мултикултурното општество, да продолжиме во изградбата на европска РС Македонија.
Се огласи и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, според кого, недобивањето на датумот е резултат на лошите и погубни политики на Владата. Лидерот на опозицијата рече дека нема да преземаат радикални чекори и да го владата народот на улица. Рече дека европските интеграции на земјата ќе се постигнат само преку борба против криминалот и корупцијата и оти ЕУ треба да продолжи да биде стратешка цел на земјата.
Повеќето европски лидери го осудија потегот на Макрон, велејќи дека прави историска грешка, а од друга страна, пак, повикаа земјава да не се откажува од реформите и интеграциите, и велат дека ќе се навратат на прашањето за проширувањето на Самитот за Западен Балкан во јуни 2020 година.
Макрон, по блокадата за Скопје и Тирана, порача и дека полноправното членство на ЕУ не треба повеќе да биде единствената политика кон земјите од соседството на ЕУ, доведувајќи за првпат јавно во прашање европската иднина и перспектива на земјите од западниот Балкан дадена во Солун во 2003 година.
Германската канцеларка Ангела Меркел, премиерите на Шведска и Словенија и многу други европски лидери вчера разговарале телефонски со македонскиот премиер Заев.
Од сите европски лидери стигна јасна порака со поддршка државата да продолжи по патот по кој тргна, да продолжи со реформите и интеграциите, брифираа вчера за МИА од Влада. Како што велат, сите оддадоа јасно признание за сите чекори кои ги презеде С. Македонија и дека земјата и граѓаните се целосно подготвени, но дека неколку земји на ЕУ не се подготвени.
Претходно, претседавачот со Европскиот Совет Доналд Туск и претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер рекоа дека со неодборувањето датум за преговори Франција прави историска грешка и изразија голема разочараност од резултатот од дебатат за проширувањето.
– Ве молам не се откажувајте. Целосно ја разбирам вашата фрустрација, затоа што вие го завршивте вашиот дел, а ние не. Апсолутно немам сомнеж дека еден ден ќе станете полноправни членки на ЕУ, рече Туск во Брисел.
Јункер го критикуваше недонесувањето на одлуката како „историска грешка“ и оцени дека „доколку ЕУ сака да биде почитувана низ светот, мора да ги одржува своите ветувања“.
Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, посочи на Твитер дека одговорноста за поразот околу отпочнувањето преговори е кај Европската Унија. -Одговорноста за поразот не е кај земјите (Албанија и С. Македонија, н.з.) кои со право се надеваа на позитивна одлука. Тие испорачаа. ЕУ е одговорна што не успеа да исполни ветувања поради внатрешни проблеми. Ова му наштетува на кредибилитетот на ЕУ не само на Западниот Балкан туку и пошироко, напиша Хан.
Предупреди дека да се одбие признанието на докажан напредок ќе има негативни последици, вклучително и ризикот од дестабилизација со целосен импакт врз ЕУ.
Додека некои лидери беа С. Македонија и Албанија да се одвојат и да се даде старт за преговори само за Скопје, Макрон беше и против тоа. Тој призна дека на вчерашниот состанок имало јасно мнозинство на земји за почеток на преговори со Македонија, но не и за Албанија и оти бил против одвојување на двете земји.
– Зелено светло за С. Македонија без Албанија ќе беше смртоносна политичка грешка, а тоа беше единствениот можен консензус, ќе видевме политички и социјални движења од неверојатно насилство, не само кај албанското малцинство во С. Македонија туку во сите земји каде има албанско малцинство, изјави Макрон.
Оцени и дека полноправното членство не треба повеќе да биде единствената политика кон земјите од соседството. – Разговаравме за визијата на секој од нас за Европа, јас не сметам дека проширувањето е единствената политика кон соседството, рече Макрон, и додаде дека ЕУ не функционира каква што е сега.
Тој истакна дека со „овие земји“ треба да се има „стратешка агенда“, но дека не нужно тие треба да бидат идни земји членки на ЕУ.
Макрон ја повтори потребата за реформа на процесот на преговори со земјите-кандидати и побара тој да биде реверзибилен, односно да може да биде стопиран. Францускиот претседател посебно ги поздрави напорите на премиерот Зоран Заев за Преспанскиот договор и за уставните измени и најави дека наскоро ќе ги посети премиерите Зоран Заев и Еди Рама.
Меркел на крајот на Самитот во Брисел изрази дека немало консензус меѓу лидерите на ЕУ за отворање пристапни преговори со Македонија и Албанија.
– Германија смета дека со исполнување одредени услови можеше да дојде до отворање преговори, но немаше единствен став за тоа. Ќе се вратиме на ова прашање на Самитот за Западен Балкан во 2020 година, порача Меркел и додаде дека не е тајна оти за време на расправата за проширување, Франција, Холандија и Данска имале резерви кон натамошните чекори на Скопје и Тирана.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис рече дека одлуката да не се отворат преговори не е добра и за општата стабилност на Балканот, бидејќи треба да се задржи отворена европската перспектива на Западен Балкан за да може да постои поголема стабилност и економски просперитет во регионот.
– Сметам дека не е добро ни за Грција, бидејќи главното оружје што Грција го има во свои раце за да се справи со прашањата што ги има со двете земји се однесува на европската перспектива, рече Мицотакис.
Агенцијата Ројтерс искоментира дека високи претставници на Европската Унија, загрижени поради засиленото влијание на Кина и на Русија на Балканот, ја обвинија Франција дека прави „историска грешка“ со одбивањето да се одобри почеток на преговори на Македонија и Албанија.