Полицијата вчера пронајде 50 килограми марихуана на локација од патниот правец Струмица-село Добрашинци,
За случајот е поднесена е кривична пријава против Д.Т. (33) од село Владевци од општина Василево, К.К (26) од село Селемли, општина Богданци, како и против уште едно, засега непознато лице, поради постоење основано сомневање дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, информира денеска портпаролката на СВР Струмица, Хризантема Рендевска.
Таа појасни дека врз основа на добиени оперативни сознанија за недозволена трговија од страна на соодветните служби при СВР Струмица завчера и вчера биле преземени координирани активности и мерки за расчистување на случајот.
– Вчера, во раните утрински часови, односно околу 3,30 часот, на локација од патниот правец Струмица-село Добрашинци, затекнат е второпријавениот Д.Т. при што кај истиот од страна на полициски службеници биле пронајдени околу 50 килограми опојна дрога марихуана, која што тој претходно ја примил од првопријавениот К.К. По ова Д.Т. е лишен од слобода и приведен во полициска станица. Истовремено, од преземените мерки и активности утврдено е дека дрогата била доставена од Скопје, од засега непознато лице кое што управувало патничко моторно возило “VW-Phaeton“ со чешки регистарски таблички, рече Рендевска.
Полицијата, дополни таа, презема дополнителни и интензивни активности за лоцирање и лишување од слобода на првоосомничениот К.К., како и идентификување на непознатото лице, возач на возилото, кое е пронајдено во Кратово и предадено за крим-техничка обработка.