Секој сака да ја изнесе својата вистина, меѓутоа на крајот на денот има само една вистина, изјави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, кој беше гостин во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат М.

Тој истакна дека секоја политичка партија која присуствуваше на лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски, си има различна страна од приказната.

– Јас и јавно повикав да се објави вистината, односно да се објават стенографските белешки. Она што всушност се случуваше на средбата е тоа што господинот Христијан Мицковски му кажа на премиерот Зоран Заев дека е неминовно да има 100 дена техничка влада. Законот за влада е доволно јасен и прецизен и дека техничката влада мора да биде најмалку 100 дена. Роковите од 45, 60, и 90 дена помалку или повеќе се однесува на периодот во кој се распушта Собранието и слично. Така што, нема никаква колизија со Уставот. Затоа понудивме оваа недела, значи по лидерската, да се распушти парламентот броиме 100 дена, кога и да биде тој ден 12, 25 или било кој јануари, и нека се одржат изборите. По што Заев ретерираше и не го прифати тоа, изјави Јанушев.