Нема алтернатива за членството во Европска унија и земјите од Западен Балкан треба да одржат Самит на кој ќе се отфрлат идеите за алтернативи за евроинтеграцијата, порача вчера од Тирана претседателот Стево Пендаровски.
Пендаровски оцени дека вчерашната средба со албанскиот колега Илир Мета се одвива во вонредни услови откако пред една недела двете земји не ги почнаа пореговорите со ЕУ и потенцираше дека и покрај тоа „единствен пат е членството во ЕУ, а секоја друга идеја е неприфатлива“.
Пендаровски на средбата со Мета предложи земјите од Западен Балкан да одржат вонреден самит на кој ќе се зборува за проширувањето на ЕУ и за добрососедските односи и на кој би се отфрлиле сите алтернативи на евроинтеграцијата. Доколку има согласност за тоа, домаќин на самитот би била Македонија.
Премиерот Зоран Заев вчера, исто така, порача дека Македонија нема друга алтернатива освен ЕУ и оти се надева дека до Самитот во Загреб во мај европските лидери ќе ја корегираат големата неправда и историската грешка за одложување на одлуката за почеток на пристапните преговри.
– Низ дискусијата која треаше до рано наутро на 19-ти беше потврден успешниот процес на реформи и придобивките што ги имаме направено, договорите со Грција и Бугарија како трајни европски придобивки и очекуваме на следниот Европски совет да биде донесена позитивна одлука, кажа премиерот.
За тоа што бара Франција во контекст на реформите на процесот на проширување и за се погласните идеи наместо евроингеграција на земјите кандидадти да им се понуди стратешко партнерство, Заев рече дека тоа се уште не е формализирано.
– Останува ние да работиме, а кога е Европската унија ќе одлучи нека ни го каже тоа. Ние немаме друга алтернатива освен ЕУ, истакна Заев.
Европските либерали на конгресот во Атина вчера едногласно усвоија резолуција за европската перспектива на Македонија.
– Процесот на проширување на ЕУ мора да продолжи, секоја земја мора индивидуално да се оценува, а веќе на следниот состанок на Европскиот Совет на С. Македонија треба да и се определи датум за почеток на пристапните преговори со Унијата, без евентуалната промена на методологијата на преговорите да има влијание врз почетокот на преговорите, се заклучоците во резолуцијата за нашата земја, што едногласно беше усвоена на 40-тиот конгрес на Европската Алијанса на либерали и демократи (АЛДЕ).