Откако палеонтолошкиот локалитет Стамер, кај Делчево, стана значаен локалитет на светската палеонтолошка карта, со одлука на Министерството за животна средина, а во согласност со Законот за заштита на природата, палеонтолошкиот локалитет Стамер е прогласен за природна реткост.

Се работи за локалитет во чија близина се наоѓа палеонтолошка гробница на пикерминска фауна, која е детерминирана и дел научно истражена пред 12 години. Дел од тие истражувања беше и рударскиот инженер Љубе Митевски, кој вели дека станува збор за фауна стара околу осум милиони години.

– Научниците од Природонаучниот музеј од Скопје овде открија значајни фосили од пикерминска фауна, уникатни во Европа, меѓу кои череп од жирафа, мастодонт, фосили од антилопа, хипарион и сл. фосили стари од 10 до три милиони години. Освен од македонскиот Природонаучен музеј, тогаш локалитетот го посетија и научници од Природонаучниот музеј во Софија и во Париз. Како што кажав, тука се извадени фрагменти и делови од черепи на повеќе животни кои се класифицирани како пикерминска фауна, која е значајна по старост од околу пет до осум милиони години. Се работи за животни мастодонти, хипариони, хиени, елени, диви свињи, вели Митевски.

Во согласност со решението објавено во Службен весник, со палеонтолошкиот локалитет Стамер управува Општина Делчево и со цел да се спречи оштетување или уништување на природната реткост, општината презема активности за чување и одржување на природната реткост, како и мерки за заштита.

– Во таа смисла, по добиена дозвола од Министерството за животна средина и просторно планирање, општината може да спроведува научни истражувања и мониторинг, да врши промоција на природната реткост како туристичка дестинација, да ја обележува со соодветни информативни табли, да спроведува едукативни активности за потребата од зачувување на локалитетот. Спроведувањето активности и дејства во границите на природната реткост, како што се изградба на пристапни патеки и уредување на местата за одмор, се врши на начин со кој се обезбедува висок степен на заштита на биолошката и пределската разновидност во насока на обезбедување соодветно управување со природната реткост, велат од Општина Делчево.

Министерството за животна средина на територијата на Општина Делчево за природна реткост досега прогласи три локалитети. За овие реткости претходно Општина Делчево во рамките на Програмата за зачувување на природата во Македонија (ПЗП), проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) координиран од Хелветас Свис интеркооперејшн и Фармахем, во партнерство со Центарот за развој на Источен плански регион (ЦРИПР), изработи три елаборати за валоризација на природната реткост: спелеолошкиот објект Киселичка Пештера, карактеристичниот геолошки профил кај Ѕвегор и палеонтолошкиот локалитет Стамер.

Прогласувањето на овие три локалитети за природна реткост, како што додаваат од општината, ќе придонесе за заштита на значајните локалитети, но и нивно ставање во функција на туризмот, која е приоритетна цел во ЛЕР на Општина Делчево. Во наредниот период Општина Делчево планира да изработи елаборати и да поднесе апликации за валоризација и за локалитетите Кукуље кај селото Нов Истевник и пештерата Коњска Дупка кај село Град.

МИА