Во еден ден скопјани „добија“ два трамваја за решавање на проблемот со загадувањето во Скопје.

Денеска премиерот Зоран Заев во Собранието објави дека за решавање на проблемот со загадувањето на главниот град се планирани 100 милиони евра за набавка на електричен трамвај на гуми.

Заев не појасни каков е тој трамвај, но каков и да е, на гуми или на железни тркала, важно е да се тркала и да не загадува.

Попладнево, пак, скопскиот градоначалник Петре Шилегов по повод две годишната од доаѓањето на функцијата во КИЦ во Скопје одржа трибина каде меѓу другото ги презентираше идните планови на градската администрација. Шилегов информира и за мерките за кои како што кажа се во план за борба против аерозагадувањето во градот.

Тој најави изградба на трамвајска мрежа во Скопје, за што е во тек последната фаза од преговорите со Владата.

– Трамвај со систем на водород кој ќе продуцира електрична енергија која ќе го движи. Единствен производ од овој трамвај ќе биде водена пареа, односно нула емисија на штетни гасови. Ќе има 24 метарски возила, на секои 4 минути ќе пристига возило на станица и ќе биде тотално издвоен од останатиот сообраќај, рече Шилегов.

И Шилегов, како и Заев, најави дека изградбата на инфраструктурата и почетокот на трамвајскиот сообраќај ќе чини 100 милиони евра.

(Д.Г.)