Шпанија се понуди да биде домаќин на самитот на ОН за климатски промени COP25, откако Чиле се откажа поради протестите во таа јужноамериканска земја.

Шпанската Влада наведе во соопштение дека премиерот Педро Санчес најавил оти е подготвен да направи се што е потребно, со цел неговата земја да биде домаќин на самитот во Мадрид од 3 до 13 декември 2019 година.

Чилеанскиот претседател Себастијан Пињера вчера истакна дека поради актуелните протести во земјата откажува два големи меѓународни самита, на кои неговата држава требало да биде домаќин. Тоа се самитот на АПЕК, кој треба да се одржи на 16 и 17 ноември и глобалниот собир за климатски промени од 3 до 13 декември.