Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поведе истражна постапка против четири лица, тројца пакистански и еден македонски државјанин, за криумчарење мигранти.
На тројца од осомничените им е одреден триесетдневен притвор, а на еден мерка куќен притвор.
-Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица. Лицата, еден македонски и тројца пакистански државјани се осомничени дека како соизвршители сториле кривично дело „Криумчарење мигранти“ предвидено и казниво по член 418 – б став 3 во врска со став 2 и 4 во врска со член 22 од Кривичниот законик, соопшти Јавното обвинителство на Македонија.
Кон крајот на октомври и почетокот на ноември, осомничените, заедно, по претходен договор, прифаќале мигранти и ги сместувале во куќата на осомничениот македонски државјанин. Кога мигрантите ќе посакале да си заминат, осомничените Пакистанци со намера да извлечат дополнително пари од мигрантите, постапувале понижувачки и сурово кон нив. Тие ги принудувале жртвите телефонски да стапат во контакт со свои роднини кои веќе биле заминати во западноевропските земји и да бараат роднините да префрлат пари на сметки што осомничените им ги посочувале. Ако за определено време не биле испратени парите, жртвите биле тепани и малтретирани со палки и шипки.
-На ваков начин осомничените постапиле и кон две лица со индиско потекло. Тие вознемирени и со плачење се јавиле на свој пријател во Белград и побарале да уплати на сметка по 1.300 евра за секој од нив, за да им биде овозможено да ја продолжат рутата. Пријателот веднаш случајот го пријавил во српската полиција. По добиената информација од страна на органите на Р. Србија, вечерта на 1 ноември 2019 година, македонските полициски службеници спровеле полициска акција во село Ваксинце. Во куќата на првоосомничениот, каде во нечовечки услови со денови биле затворени мигрантите, при претрес се пронајдени првоосомничениот и дванаесет мигранти од кои две се малолетни лица, а тројца се препознаени како сторители на кривичното дело. Десетина лица – мигранти избегале непосредно пред полициската акција, се вели во соопштението.
Ценејќи дека се исполнети законските услови, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје, достави предлог за определување на мерката притвор за сите осомничени. Судијата го прифати предлогот и на тројца осомничени им определи притвор во траење од 30 дена, а за еден осомничен е определена мерка куќен притвор.