ЕУ направи историска грешка и испрати лоша порака за целиот регион со неотворањето на пристапните преговори со С. Македонија и Албанија, порача денеска од Белград заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален пратеник за Западен Балкан, Метју Палмер.
– САД сакаат Западен Балкан да има европска перспектива и ние ќе направиме се што можеме да ја убедиме ЕУ да го промени ставот пред состанокот на европските лидери во Загреб во мај, изјави Палмер на денешната заедничка прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Палмер со оваа изјава ја започна прес-конференцијата, најавувајќи дека главна тема на состанокот со српскиот претседател била политичката ситуација во регионот и косовското прашање, поврзувајќи го ова со како што рече, „ставот на САД дека сакаат Западен Балкан да има европска перспектива“.
На ова изјава на Палмер, се надоврза и Вучиќ, кој изјави дека Србија се залага за соработка со земјите од Западен Балкан, што се гледа и преку продолжување на состаноците со Македонија и Албанија, а потоа и со сите останати неделава во Охрид. Вучиќ денеска најави разговори со македонскиот и албанскиот премиер, Зоран Заев и Еди Рама, да се договорат за деталите, заблагодарувајќи се на поддршката од САД за идејата за т.н. мал Шенген.
– Отворено можам да кажам, дека САД ја поддржаа оваа идеја, која се заснова на четирите слободи на движење на стоки, луѓе, услуги и капитал и ние тука очекуваме и дополнителна поддршка и од Палмер и од САД воопшто, изјави Вучиќ.
Говорејќи за прашањето околу Косово, Вучиќ изјави дека разговорите со Палмер биле „отворени и искрени“ и додаде дека е задоволен од нивната содржина.
– Задоволен сум што ги разгледавме сите спорни прашања, сите разлики што постојат меѓу нас, решени да изнајдеме решенија за во иднина што ќе значат подобри билатерални односи меѓу САД и Србија, но и конструктивен пристап и обид да се вратиме на дијалогот со Приштина, што е можно поскоро дијалог, рече Вучиќ, додавајќи дека не сака за ова јавно да говори и дека се познати различните ставови на САД и на Србија за Косово.
Одговарајќи на новинарско прашање околу идната косовска Влада и правото на вклучување во неа на претставници на Српската листа, Палмер рече дека е јасно оти „Српската листа доби поддршка од мнозинството Срби во Косово и со тоа има право да биде преставена во косовската Влада“.
– За ова разговарав нашироко со лидерите во Косово и мислам дека е важно Србите да имаат можност да се изразат преку политичкиот процес, порача Палмер.
За оваа прашање свој став изнесе и Вучиќ, кој рече дека Српската листа учествувала на изборите во Косово според Бриселскиот договор и добила повеќе од 95 проценти од гласовите на Србите, додавајќи дека „претставниците на Српската листа мора да бидат во Владата доколку тоа го сакаат“.
– Според косовскиот Устав, во Владата може да има и некои други Срби, но само ако ги добијат гласовите на Српската листа, оцени српскиот претседател кој на прес-конференцијата упати покана до претседателот на САД, Доналд Трамп, да ја посети Србија.