Бегалското/ мигрантското прашање е од национално значењ,е, а владата со план, одлучност и сериозност ќе се справи со проблемот, со солидарност во внатрешноста и одлучност во чувањето на границите, рече заменикот министер под премиерот и портпарол на грчката влада, Стелиос Пецас за време на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.
Тој истакна дека актуелната влада со доаѓањето на власт презела “хаотична ситуација”, со 68 илјади неразгледани барања за азил и само 1806 враќања во Турција за четири месеци. Објасни дека од јули до октомври 6500 лица од островите биле пренесени во други делови на Грција, а целта е до крајот на месецов да бидат пренесени уште 4000 бегалци, во рамките на владината политика за праведно распределување и во таа насока тие следат два принципи.
-Прво, се поставуваат конкретни граници за бројот на лица што ќе се префрлат во секоја област. Во никој случај нема да бидат над еден процент од населението во секоја периферија. Второ, се зајакнуваат инфраструктурите и службите во локалните општества за да се справаѕ со потребите од вонредниот прием и сместување, рече портпаролот на грчката влада.
Во однос на негативните реакции кај локалното население и одбивањето да примат бегалци и мигранти, Пецас рече дека од една страна, до една мерка се оправдани, но од друга страна “Грците на своја кожа знаат што значи да си бегалец”.
Пецас истакна дека паралелно се работи и на изградба на затворените центри во кои ќе бидат сместени лицата кои нелегално влегле во земјата и немаат право на азил.
-Да знаат сите оние кои немаат право на азил дека не можат да се движат неконтролирано во земјата и нема да имаат друг избор, освен нивно враќање, истакна портпаролот на грчката влада на редовниот брифинг со новинарите и странските дописници.